205 ГОДИНИ ОТКАКО Е НАПИШАНА, „ТИВКА НОЌ“ ОСТАНУВА ОМИЛЕНАТА БОЖИЌНА ПЕСНА

Салцбург, (Дојче веле)

Секоја година на 24 декември, стотици луѓе од целиот свет се собираат пред капелата во австриското село Оберндорф, 20 километри северно од Салцбург и заедно ја пеат најпознатата божиќна песна, „Тивка ноќ“.

Таа за првпат била изведена на 24 декември пред 205 години и оттогаш е препеана на повеќе од 300 јазици и дијалекти. Голем број музичари од најразлични жанрови ја имаат снимено песната, од Елвис Присли преку Нет Кинг Кол до Мараја Кери, а верзијата на Бинг Крозби е третиот најпродаван сингл на сите времиња.

Во провинцијата Салцбург има шест мали музеи кои ги истражуваат потеклото на песната и животите на двајцата луѓе кои је создале: свештеникот Јозеф Мор и органистот и учител Франц Ксавиер Грубер. Еден се наоѓа во Оберндорф. 

Во пресрет на Бадник во 1818 година, Мор го замолил својот пријател Грубер да компонира мелодија за поемата што тој ја напишал две години порано. Задоволен со резултатот, Мор уште истата вечер ја вклучил песната во кратката церемонија по божиќната миса.

Во изминатите два века, „Тивка ноќ“ стана глобален културен феномен, а УНЕСКО во 2011 ја вклучи во листата на светско културно наследство.

(Фото: Капелата во Оберндорф се наоѓа на местото на некогашната црква „Свети Никола“, во која првпат била изведена песната)