Стево Пендаровски ќе биде петти претседател на Македонија, откако со значителна предност ја победи својата конкурентка Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите. Тој во претседателската резиденција на Водно ќе го наследи Ѓорге Иванов, од кого изгуби на изборите пред пет години.

  • Како кандидат на СДСМ, ДУИ и на 30-ина други партии, Пендаровски освои 436.212 гласови, односно 51,66%.
  • За Силјановска-Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, гласаа 377.713 избирачи (44,73%).
  • Разликата по првиот круг изнесуваше само 0,61% во полза на Пендаровски.
  • Излезноста во вториот круг беше 46,70%.
  • Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје.
  • Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде што и магистрирал и докторирал.
  • Од 2008 беше професор на Факултетот за политички науки при универзитетот Американ колеџ во Скопје.
  • Беше главен советник за национална безбедност и надворешна политика во кабинетите на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.
  • На претседателските избори во 2014 година, како кандидат на СДСМ, влезе во вториот круг, но беше поразен од Ѓорге Иванов.
  • „Ќе бидам претседател на сите, претседател кој ќе ја води Северна Македонија кон ЕУ и НАТО. Ова е победа на обединување и заедништво. Ќе бидам претседател кој ќе обединува, фактор на стабилност, а не на кризи“, кажа Пендаровски во победничкиот говор.