Петнаесетина солисти – првенци на Македонската опера и балет, вечерва настапија на одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Операта.

Павлина Новакова – Георгиев изведе арија од Тоска, од истоимената опера од Пучини (Фото: Ѓ. Личовски)

Националната куќа за јубилејот одлучи да организира оперски концерт и да ја обнови операта во еден чин, „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи.

В.д. уметничката директорка на Операта, диригентката Бисера Чадловска (Фото: Ѓ. Личовски)

Во првиот дел од вечерта, под диригентство на Бисера Чадловска, се изведоа арии, дуети, терцети, квартети, оркестарски и хорски нумери од повеќе автори.

Настанот привлече публика од повозрасната и помладата генерација (Фото: Ѓ. Личовски)

Операта на Маскањи, беше наменски одбрана за јубилејот, бидејќи станува збор за операта која била прва изведена на МОБ, на 9 мај 1947 година. Поставката е во режија на Италијанецот Џандоменико Вакари, а диригираше Џанлука Мартиненги од Италија.

Настапија Весна Ѓиноска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ.
Репризата е в петок, со диригентот Иван Еминовиќ и солистите: Сандра Митровска, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Катерина Стојановска и Елена Тасевска.

МОБ се наполни со пензионирани оперски солисти, професори на Факултетот за музичка уметност, но без политички и дипломатски врв (Фото: Ѓ. Личовски)

Од МОБ велат дека седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, ќе се одбележува во текот на целата година со цел да го претстават целиот ансамбл и солистите.