Српскиот актер и пејач Иван Босиљчиќ ќе настапи во Скопје за дочекот на Нова година, во Националната опера и балет од 22 часот, објави продукцијата „Прагма“. Босиљчиќ ќе има кабаре шоу заедно со стендап настап. Забавата ќе продолжи со Вера Јанковиќ, која ќе пушта ретро музика до рано наутро. Во билетите кои чинат од 3.000 денари се вклучени храна и неограничено пиење, објавија организаторите.
Босиљчиќ во март годинава одржа два концерта во Операта со неговиот проект „Наша вечер“. Програмата е комбинација од обработки на популарни песни од 1960-тите до денес, филмска музика и руски романси, а белградскиот актер рецитира и поезија од регионални и светски автори на македонски и српски јазик. На сите негови досегашни гостувања, Босиљчиќ ја рецитираше „Две тишини“ од Анте Поповски и пееше песни од Тоше Проески.