Вечерва во 20 часот, во Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на „Две минути и четириесет реда“, книга со критики, рецензии и осврти од Александра Јуруковска. Книгата содржи текстови пишувани во временски период од петнаесетина години за радио, весник, специјализирани книжевни списанија и веб-страници.

„Оттука, нивното обединување во книга е следење на одреден континуитет во пишувањето критики, што важи за не многу популарен жанр кај нас, особено новинска и радиокритика“, вели таа.

Делот „Две минути“ содржи избор на радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Просечното траење на секој прилог беше две минути. Текстовите од вториот дел „Четириесет реда“ се новинска критика, објавувани во дневниот весник „Дневник“, специјализирани списанија за литература и култура и веб-страници, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за автори, книги, зборници и манифестации.