АРХЕОЛОГОТ ГОЦЕ НАУМОВ НА 10 ЈАНУАРИ ЈА ПРОМОВИРА КНИГАТА „ТЕЛЕСНОСТ И ОТЕЛОТВОРУВАЊЕ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ од Гоце Наумов ќе биде промовирана на 10 јануари (20 часот) во киносалата на Музејот на Македонија. На промоцијата ќе настапи и џез составот „Некст ту сајленс“ (Next to Silence), во кој Наумов свири тапани.

„’Телесност и отелотворување’ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Oва дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело“, вели Наумов.

Наумов е доктор по предисториска археологија и континуирано ги проучува населбите, занаетите, ликовните претстави и обредите на првите земјоделски и металуршки заедници во Македонија, Балканот и на Блискиот Исток. Истражувал на повеќе предисториски локалитети во Македонија, Србија, Албанија, Словенија, Турција, Русија и САД, а во фокусот на неговата специјализација се Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот Регион.