„АСФИКСИЈА“, ИЗЛОЖБА НА ДРАГАН БОЖИНО ИНСПИРИРАНА ОД ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во ликовниот салон во Велес отворена е изложбата „Асфиксија“ на младиот автор Драган Божино од Скопје. Пред јавноста се претставува со 33 дела изработени од ПМ 10 честичките, кои предизвикуваат загадување на воздухот.

„Инспирацијата за делата, за изложбата е загадениот воздух со кој се соочуваме сите, како и неколку градови кои се во врвот на загаденоста во Европа. Затоа добив инспирација видливо да го покажам тоа загадување. Изложбата е насловена „Асфиксија“, состојба кога телото не добива доволно кислород. ПМ 10 честичките ги земав од мерен инструмент поставен во центарот на Скопје, и ги поставив на платно со помош и соработка на иноваторот Ивица Поцов. Така граѓаните можат да видат што влегува во нашите бели дробови. На портретите се ликови кои немаат уста, оти сите гледаме а молчиме, не сме гласни и не зборуваме за загаденоста“, кажа авторот Божино.

Сите дела се изработени во период од  45 дена во 2023. Изложбата претходно беше претставена во Европската куќа во Скопје. Божино е мултидисциплинарен уметник, а неговите изложби предизвиквуаат внимание поради уникатниот пристап и автентичната идеја. Тој има завршено факултет за графички дизајн. За создвањето на изложбата авторот подготви видео. 

П. ПЕЧКОВ