АВСТРАЛИЈА ГИ ПРОГЛАСИ КОАЛИТЕ ЗА ЗАГРОЗЕНИ ЖИВОТНИ

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Австралија ги стави коалите на листата на загрозени животни по драматичниот пад на нивната бројка. Некогаш широко распространетиот торбар денес е десеткуван поради расчистување на земјиште, шумски пожари, суша, болести и други закани.

Федералната влада го прогласи за загрозено животно во Квинсленд, Нов Јужен Велс и во Австралиска Престолнинска Територија, додека истовремено беше повикана да стори повеќе за нивна заштита. Коалите добија статус на ранливи животни во овие области во 2012.

„Додавањето на коалите на листата на загрозени животни значи дека нивната заштита станува приоритетна. Официјалните служби веќе разработуваат план за нивно закрепнување“, изјави министерката за животна средина Сузан Леј.

Минатата година беше утврдено дека коалите би можеле да исчезнат во Нов Јужен Велс до 2050 ако не се преземе итна акција. Се проценува дека 5.000 коали загинале во летните пожари во сезоната 2019/2020, кои погодиле 24% од нивните живеалишта во Нов Јужен Велс.

„Коалите за само една деценија преминаа од ранливи во загрозени животни, тоа е шокантно“, соопшти австралискиот оддел на Светскиот фонд за природа.