Автобиографија од Марко Цепенков, најистакнат собирач на народни умотворби и еден од првите прозаисти и раскажувачи во македонската книжевна историја деновие излезе во издание на „Арс Ламина“.
Издавачот вели дека на тој начин ја одбележува стогодишнината од неговата смрт. Во ова издание на „Автобиографијата“ на Цепенков направени се неколку адаптации од оригиналниот текст: неговиот прилепски говор е осовременет, според правилата на стандардниот литературен јазик, а текстот е поделен на поглавја за да се олесни процесот на читање. Изданието содржи и поговор од проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„ Својата ‘Автобиографија’ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби. Ова осовременето издание има цел текстот да го приближи до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со делата на Марко Цепенков уште во училишните клупи“, велат од „Арс Ламина“.
Неговото богато творештво, објавени и необјавени дела, го сочинуваат повеќе од 5.500 поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, верувања и клетви, баења, соништа и нивни толкувања, детски игри, речници, описи на занаети.