Најголемата зона на ниска емисија на штетни гасови во јужна Европа се отвори денеска во Барселона и на автомобилите кои многу загадуваат ќе им биде забранет пристап во градските области, но и во околните гратчиња.
Бензинските автомобили купени до 2000 година и дизелските возила постари од 14 години нема да смеат да влезат во зоната. Во првите три месеци, прекршителите ќе добиваат само опомена, а потоа ќе се казнуваат со суми од 100 до 500 евра.
За разлика од сличната зона во Мадрид, забраната во Барселона се однесува на целото градско подрачје и опфаќа површина од 95 квадратни километри, 20 пати повеќе отколку во главниот град. Таа ќе се набљудува со 150 камери.
Од воведувањето на ваква зона, нивото на азотен диоксид во Мадрид паднал за 48% на година.
„Се надеваме дека со оваа забрана бројката на автомобили во градот ќе се намали за 125.000 во наредните три години, а аерозагадувањето за 20% во следните четири години“, изјави заменик градоначалникот на Барселона Ханет Санс.