Покрај тоа што секој ден одѕвонува ритамот на „Битола мој роден крај“ од Ајри Демировски, битолчани деновиве од Градскиот часовник можеа да ја чујат и мелодијата на „Ако одам во Битола“ од Петар Георгиев-Калица.
Младиот битолски диџеј Љубиша Милошевски на своите сограѓани им приреди несекојдневно музичко уживање. Во рамките на својот настап на висина од 32 метри, тој од балконот на Саат кулата на саксофон ја отсвири мелодијата од бесмртниот битолски хит. Настапот беше снимен и со дрон, со цел да се прикажат убавините на Битола.
„Целта на видеото е лошите денови да се претворат во добри, да се види светлината на нашиот град и вечната Саат кула да се круниса со звуците на саксофонот“, рече диџеј Љубиша.
Ж. ЗДРАВКОВСКА