БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ ПОДГОТВИ МУЛТИСЕНЗОРНА СЛИКОВНИЦА И ИЗЛОЖБА ШТО МОЖАТ ДА ГИ ДОЖИВЕАТ И ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД И СЛУХ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Крилестата дружина во Музеј“ е новата џиновска едукативно-музејска сликовница во која преку различни видови на пеперутки, искористени како метафора за различностите кај децата, се раскажува за експонатите во Завод и музеј Битола. Оваа инклузивна алатка содржи читлив текст со илустрации, исто така напишан на Брајово писмо и тактилни слики и елементи, со цел сликовницата да биде достапна за оние со оштетен вид, како и кјуар кодови и тагови кои водат до аудиоопис и видеа на знаковен јазик за оние со оштетен слух.

Покрај ова, во Завод и музеј Битола беше организирана мултимедијална изложба на тактилни слики и копии на мозаици и други експонати.

Целта ни е да покажеме дека секоја институција која сака да биде пристапна за сите има начин да го направи тоа. Ова е начинот кој е пресликан во многу музеи во Скопје и на Балканот, каде се покажа дека е успешен. Во текот на целата година имаме бројни работилници кои се посетени од лицата со попречености. Нашата цел е секоја поставка и изложба да биде со универзален дизајн“, рече Ирена Ружин, раководителка на проектите за пристапност.

Завод и музеј Битола со заложби на Ружин, Јове Парговски и други вработени веќе десет години посветено работи да биде што подостапен за лицата со попречености.

Ж. ЗДРАВКОВСКА