Во правлива населба на периферијата на Доха вооружени стражари стојат пред затворен комплекс окружен со бодликава жица, внимателно проверувајќи ги пасошите и дозволите пред да се влезе внатре. Сепак, тоа не е затвор или некоја област со висока безбедност, тоа е продавница за алкохол.
Цврстите ограничувања за алкохолот се секојдневната реалност во конзервативната муслиманска држава Катар, кои само малку беа олеснети за Светското фудбалско првенство.
Покрај хотелски барови и дискотеки, алкохолот во Катар може да се купи само во една продавница, каде што немуслиманските жители и туристи можат да пазаруваат откако ќе добијат владина дозвола. Ја води државна компанија под капата на „Катар ервејс“, кој ги има ексклузивните права за дистрибуција на алкохол и свинско во Катар.
Продавницата работи со закажување. На полиците има избор на вина чии цени се движат од 12,5 до 45 долари за шише. Еден литар „абсолут“ вотка чини 42 долари, а литар „Џек Даниелс“ е 70 долари. Пакет со 24 лименки пиво „бадвајзер“ се продава за речиси 52 долари. Внатре можат да се купат и замрзнати пици со свински колбас, резанки сланина и конзерви со свинско и грав.
И покрај сите ограничувања, кои вклучуваат и забрана на внесување алкохол во земјата, во Катар лани се продале 23,5 милиони литри алкохолни пијалаци.
(Фото: АП)