„БОГ НА КОЛЕЖОТ“ ВО РЕЖИЈА НА ВЕСНА ПЕТРУШЕВСКА ЌЕ ГОСТУВА ВО ШТИП НА 20 МАРТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Бог на колежот“, по мотивите од истоименото дело на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска, на 20 март ќе игра во Домот на културата во Штип од 20 часот.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов и Наталија Теодосиева. Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, сценографка е Татјана Христоска, костимографка е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери. Изборот на музиката е на Петрушевска, а песната „Пепел и мрак” ја напиша Игор Џамбазов.

Весна Петрушевска со ќерка си Мина на премиерата (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Претставата симболично почнува со сцена од врсничко насилство, во која играат деца од актерската школа на Весна Петрушевска. Таа неколку години јавно зборува за овој проблем. Петрушевска вели дека ѝ е драго што „Бог на колежот“ ќе игра во Штип, каде што Македонскиот народен театар (МНТ) одамна не гостувал.

„Оваа претстава ќе ви зададе многу прашања кои ќе се обидете да ги одговорите и е една од најдобрите во моментов“, вели Петрушевска.

Премиерата беше во МНТ на 24 декември лани.

Т. ЈОВАНОВСКИ