БРИТАНИЈА ЌЕ МЕНУВА ПАРИ, МАРКИ, ПАСОШИ И ХИМНА ПО СМРТТА НА КРАЛИЦАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Поминувајќи 70 години на тронот, Елизабета Втора стана дел од секојдневните животи на Британците. Нејзиниот лик беше буквално секаде и тоа сега постепено ќе почне да се менува.

Сите 29 милијарди монети што се во оптек во Британија ја содржат главата на кралицата. Последниот дизајн беше направен во 2015, кога имаше 88 години.

Кралската ковачница не кажа дали и кога ќе почне да издава монети со кралот Чарлс Трети, но јасно е дека оние со Елизабета уште долго ќе се користат.

Кралицата се појавува и на сите банкноти на Банката на Англија од 1960 наваму, чиј број моментално изнесува 4,5 милијарди, со вкупна вредност од 80 милијарди фунти. И тие постепено ќе се заменуваат.

Кралицата се појавува на сите банкноти на Банката на Англија од 1960 наваму (Фото: Гети)

Од 1967, сите марки на Кралската пошта ја содржат силуетата на профилот на Елизабета Втора. Таа сега ќе престане да ги произведува овие марки, иако и натаму ќе се користат и ќе почне да создава нови.

Сите британски пасоши издадени во името на нејзиното височество продолжуваат да важат за патувања, но во новите пасоши, зборовите ќе бидат променети во негово височество.

Исто така, и националната химна ќе се промени од „Боже, чувај ја кралицата“ во „Боже, чувај го кралот“, што првпат ќе се изведе по прогласувањето на Чарлс Трети за крал.