БРИТАНИЈА ЌЕ ОДИ СО 10-ГОДИШНА СКЕЈТБОРДЕРКА НА ОЛИМПИЈАДАТА ВО ТОКИО

Лондон, (Гардијан)

Таа е најмладата професионална скејтбордерка на светот и има 300.000 следбеници на Инстаграм.

Десетгодишната Скај Браун е родена во Јапонија, но избра да настапува за Велика Британија и на Олимписките игри 2020 во Токио би можела да стане најмладата британска олимпијка во историјата. На отворањето, таа би имала 12 години и 15 дена, со што би урнала 92 години стар рекорд. Скејтбордингот ќе дебитира како олимписки спорт во Токио.

Браун е родена во Јапонија, но избра да настапува за Велика Британија

„Се надевам дека ќе се пласирам за Токио, зашто сакам да одам таму млада и да покажам на секое девојче дека сè е можно. Возраста не е важна. Бидете храбри и силни, забавувајте се и правете го она што го сакате“, вели Браун.

Родена во јужна Јапонија од мајка Јапонка и татко Англичанец, таа првпат застанала на скејтборд на четири години, а како седумгодишна го добила првиот професионален договор. Во 2016, стана најмладата натпреварувачка на Отворената професионална серија на САД, каде што за противници имала двојно повисоки жени и во меѓувреме освои турнири во Британија, Естонија, Шведска и Сингапур.

Рекордот за најмлада олимпијка го држи Сесилија Кулиџ, која имала 11 години и 73 дена кога настапила во уметничко лизгање во 1932 година.