Десетти пат по ред, Виена се најде на врвот на листата градови коишто имаат најквалитетен живот, објави „Мерсер“, најголемата светска консултантска компанија.

Градот со 1,9 милиони жители, познат по царското минато, класичната музика и палатите, се цени и по неговите безбедност и зеленило. Втор е Цирих, многу поскап град и голем финансиски центар, додека третото место го делат Оукленд, Минхен и Ванкувер.

„Квалитетот на живеењето е определен од повеќе фактори: од пристап до јавен превоз и ниво на сообраќаен метеж, преку достапност на станови и куќи и меѓународни училишта, до културната сцена“, стои во соопштението на компанијата.

Десетте градови од дното на листата, која опфати 231 град, се непроменети, при што Багдад е на последното место, зад Бангуи (Централноафриканска Република) и Сана (Јемен).