Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис кој вчера беше во Скопје, по средбата со градоначалникот Петре Шилегов неформално се дружеше со службениците од Кабинетот на новата градска власт.
Бутарис (75) кој важи за нетипичен балкански политичар на две соработнички од Кабинетот на Шилегов им ги покажуваше тетоважите на левата рака. Покрај тетоважите, препознатлив е и по обетката на увото и кожните белезници кои ги носи на рацете.
Тој го тера вториот градоначалнички мандат. Прв пат беше избран за градоначалник на Солун во ноември 2010, а реизбран е во 2014 година.
Во 2013 година тој прв пат дојде во официјална посета на Македонија при што откри дека има влашки корени, од Крушево.
Бутарис е роден во Солун, син на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос, Влаинка од семејството Ничота од Крушево. Дипломирал хемија на Универзитетот Аристотел во Солун, а магистрирал енологија на Институтот за вино во Атина. Речиси 30 години работел во семејната винарија „Бутари“, а во 1998 ја формира сопствената винарија „Кир-Јани“.
А. АНТЕВСКА