ЧАДОТ ОД ПОЖАРИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА НАСКОРО ЌЕ ЈА ОБИКОЛИ ЦЕЛАТА ЗЕМЈА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Чадот од масивните пожари во Австралија наскоро ќе направи полн круг околу Земјата, објави НАСА.

Пожарите на источниот брег на Австралија не запреа откако почнаа во септември, при што чадот се рашири преку Пацифик. НАСА соопшти дека чадот преминал преку Јужна Америка околу нова година и до 8 јануари имал поминато половина од Земјата.

„Очекуваме чадот да направи најмалку еден цел круг околу Земјата“, кажаа од НАСА.

Стотици пожари се регистрирани низ Австралија, при што загинаа најмалку 28 луѓе и изгореа над 2.000 домови.

„Неодамнешните пожари беа толку големи што произвеле невообичаено голема бројка на грмежи предизвикани од оган. Тоа го исфрлило чадот високо во стратосферата, при што рекордно регистрирана височина била 17,7 километри. Кога ќе стигне во стратосферата, чадот може да патува илјадници километри од својот извор и да влијае врз глобалните атмосферски услови. Чадот особено ја сменил бојата на небото во Јужна Америка“, објави НАСА.

Во источиот дел на Австралија и натаму има стотина активни пожари.