Франшизата Џејмс Бонд уште еднаш покажа дека се модернизира откако ја ангажираше мегапопуларната американска тинејџерка Били Ајлиш да ја напише и отпее музичката тема за новиот филм „Нема време за умирање“.

Осумнаесетгодишната Ајлиш лани направи вистински бум на светската музичка сцена со својот дебитантски албум „Кога ќе заспиеме, каде одиме?“ (When We All Fall Asleep, Where Do We Go?), а нејзиниот најголем хит „Лошо момче“ беше една од најслушаните песни. Албумот доби шест номинации за Греми.

Лудо е да се биде дел од ова. Да се сними песна за вака легендарен серијал е голема чест. Џејмс Бонд е најкул филмска франшиза што постои. Уште сум во шок“, изјави Ајлиш.

Филмовите за Џејмс Бонд создадоа неколку незаборавни песни (Адел и Сем Смит добија Оскар за последните две) и продуцентите и режисерот на „Нема време за умирање“ велат дека Ајлиш и нејзиниот брат Финис завршиле одлична работа. Засега не е познато кога таа ќе биде објавена, ниту како се вика. 

Били Ајлиш е освежување. Таа е млада, автентична и има свој препознатлив звук. Ова е уште еден неверојатен и ризичен потег на франшизата“, пишува „Гардијан“.

Промените почнаа кога Кери Џоџи Фукунага беше избран како прв американски режисер, а потоа, на барање на Даниел Крег, за сценарист беше ангажирана Фиби Волер-Бриџ, авторката на хит-серијата „Флибег“.

Ајлиш почнала да прави музика на 11 години, а издавачките куќи се заинтересирале за неа откако во 2016 година ја објавила песната „Океански очи“ на Саундклауд. Специфични музички израз и имиџ ја прават Ајлиш едно од највозбудливите нови имиња на светската музичка сцена.