ЧИСТ ИНСТИНКТ, ВЕЛИ БЕКОТ НА ЛИВЕРПУЛ ЗА КОРНЕРОТ СО КОЈ ЈА ПОСРАМОТИ БАРСЕЛОНА

Ливерпул, (Гардијан)

Фудбалскиот свет и натаму е под импресии од синоќешната победа на Ливерпул над Барселона од 4:0, што му донесе второ едноподруго финале на Лигата на шампионите, но уште подолго ќе се зборува за потегот кој го реши мечот.

Се играше 79. минута, кога младиот бек на Ливерпул Трент Александер-Арнолд изведе корнер, кој од суперѕвездите на Барселона направи мали деца.

„Не знам што беше тоа“, се пожали тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, а Жозе Мурињо ѝ порача на Барселона дека за да дозволиш да примиш таков гол, подобро да се откажеш од фудбалот.

Тренерот на Ливерпул Јирген Клоп беше подеднакво во шок, ама позитивен.

„Јас само ја видов топката во мрежата, не и кој го извел корнерот. Тоа беше пребрзо за мене, каков генијален потег“, кажа Клоп.

Дваесетгодишниот Александер-Арнолд, дете на школата на Ливерпул, вели дека тоа бил чист инстинкт.

„Тоа беше еден од оние моменти кога гледаш прилика. Не работевме такво нешто на тренинзи. Видов дека Ориги е сам и реагирав. Овие моменти сите ќе ги паметиме“, изјави Александер-Арнолд.