ЧИТАТЕЛИТЕ ДА ЈА ИСКОРИСТАТ ЛИТЕРАТУРАТА ВО ОВИЕ НЕПРИЈАТНИ ВРЕМИЊА, ВЕЛИ ИСМАИЛ КАДАРЕ, ЛАУРЕАТОТ НА „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот документарец со историски две номинации за Оскар, „Медена земја“, вечерва во 20 часот ќе биде прикажан во дворот на Кинотеката, во рамките на дополнителната програма на литературниот фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Тој синоќа беше официјално затворен во Куршумли ан, каде што се oдржуваше во изминатите три дена. Вообичаено, третата вечер беше посветена на добитникот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон книжевноста на Балканот, која годинава ја доби големиот албански автор Исмаил Кадаре. Тој не можеше да дојде во Скопје, па наградата му беше испратена во Париз.

Неговиот говор што го подготви го прочита уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

„Награда што ја слави литературата на Балканот е многу добредојдено признание и горд сум што можам да дадам придонес. Литературата на Балканот е глобална литература, затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања. Се надевам дека читателите ќе ја искористат можноста да се нурнат во литературата во овие непријатни времиња“, кажа, меѓу другото, Кадаре.