Членови на еден од најпопуларните македонски бендови „ДНК“ се меѓу најмалку 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што избувна изминатата ноќ за време на нивни концерт. Ова е најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и Владата прогласи седум дена национална жалост.
- Според последните официјални информации, во пожарот во Кочани загинаа 59 луѓе, а 155 се повредени.
- Најголем дел од загинатите се млади, на возраст од 14 до 25 години.
- Во пожарот загинаа и пејачот на „ДНК“, Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, пратечкиот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.

- Најтешко повредените се превезуваат на лекување во Србија, Бугарија, Турција, Грција и Хрватска.
- Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека во домашните болници се лекуваат 115 повредени и сите се надвор од животна опасност.
- Пожарот почнал околу 2:30 часот откако биле активирани прскалки на бината, при што се запалил стиропорот на таванот и паднал покривот. Во клубот во тој момент имало околу 500 луѓе.
- Директорката на болницата во Кочани, Кристина Серафимовска, кажа дека починатите имале повреди од стампедото кое настанало откако присутните во паника поитале кон единствениот излез од дискотеката.
- Дискотеката „Пулс“ една година немала лиценца и работела со фалсификувана лиценца и поради мито и корупција, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Веќе се приведени неколку лица.
Фото: Ѓ. Личовски