„ДА НАПОЛНИМЕ БАТЕРИИ ВО СКАПА ТАРИФА“ – БИЛЕТИТЕ ЗА 26. ЗЛАТНА БУБАМАРА ОД УТРЕ ВО ПРОДАЖБА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дваесет и шестото издание на забавно-музичкиот спектакл Златна бубамара на популарноста ќе се одржи на 16 март во арената „Борис Трајковски“. Билетите ќе бидат пуштени во продажба утре во 12 часот и ќе можат да се набават онлајн преку karti.com.mk и mktickets.mk, како и во „Розе Веро 2“.

Организаторот Радио Бубамара најавува незаборавна тричасовна претстава.

По ланската 25. Златна бубамара, со која одбележавме сребрен јубилеј, годинашната манифестација е прва од следните 25, до следниот, златен јубилеј. Под мотото Да наполниме батерии во скапа тарифа, омилената манифестација ќе направи пресек на годинашната креативна продукција, сатирично ќе ја раскаже изминатата година и ќе ги награди најголемите уметници од Македонија и регионот. Во ова време на енергетска, инфлациска, морална и духовна криза, Златна бубамара повикува да се забавуваме во музички ефикасна тарифа и да се арчиме за убаво расположение“, објави организаторот.

Оттаму засега само откриваат дека наградата за животно дело ќе ја добијат Миле и Ѓорѓи Барбаровски, автори на некои од најубавите песни од македонската народна музика.

(Фото: Фејсбук)