ДАБЛИН ОТПАДНА, ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЌЕ СЕ ИГРА ВО 11 ДРЖАВИ, А НА СТАДИОНИТЕ ЌЕ ИМА ГЛЕДАЧИ

Нион, (Би-Би-Си)

Место 12, претстојното Европско фудбалско првенство ќе се игра во 11 држави, откако Даблин го изгуби домаќинството поради ковид ограничувања.

УЕФА им кажа на градовите-домаќини дека треба да бидат во можност да обезбедат најмалку една четвртина од капацитетот на своите стадиони, поради што и Минхен се најде во опасност да отпадне. Тоа не се случи откако вети дека ќе дозволи 14.500 фанови на „Алијанц арена“.

Четирите меча што требаше да се играат во Даблин се префрлени во Санкт Петербург и Лондон („Вембли“), додека Севилја ќе го замени Билбао како град-домаќин од Шпанија.

Овие промени нема да ја погодат македонската репрезентација, која своите натпревари од Ц-групата ќе ги игра во Букурешт и Амстердам. Првенството, кое требаше да се игра лани, ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули.