ДАНСКА Е МЕЃУ ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПО БРОЈОТ НА РАЗВОДИ И САКА ДА ГО ПРОМЕНИ ТОА СО НОВИТЕ ЗАКОНИ

Копенхаген, (Гардијан)

Данска важи за една од најнапредните држави на полето на семејната политика, но, исто така, ја има и една од највисоките стапки на разводи во Европа. Новиот пакет-закони треба да ја усложни оваа процедура, првенствено со цел да им се помогне на двојките.

Сѐ до неодамна, за да се разведете во Данска, беше доволно да се пополни формулар на интернет. Минатата година, во Данска имало 15.000 разводи, речиси половина од новосклучените бракови.

Според новите закони, кои стапија на сила во април, двојките кои сакаат да се разведат ќе мора да почекаат три месеци, а за тој период ќе одат на советување. Иако во некои држави ова би можело да се сфати како мешање во приватниот живот, иницијативата доби широка поддршка како од јавноста, така и од политичарите.

„Ова има за цел да ја намали човечката и финансиската цена на разводот. Тоа ќе биде добро за двете страни, но и за заедницата. Превенцијата е секогаш подобра од лекот“, изјави психологот Герт Мартин Халд.

Шеесет и осум од 98-те општини во Данска им нудат терапии на двојките кои имаат проблеми во бракот, сметајќи дека зачувувањето на семејствата ги намалува трошоците за домување и услуги.

„Податоците се јасни: програмата функционира. Во пробниот период, во 13 од 15 случаи таа имаше позитивни ефекти“, вели Халд.