ДАНСКА ВЕРУВА ДЕКА ЈА ИМА ПАНДЕМИЈАТА ПОД КОНТРОЛА И СЕ ОТВОРА СО ПОМОШ НА КОВИД ПАСОШИ

Копенхаген, (Би-Би-Си)

Фудбалските фанови од вчера повторно можат да одат на стадион и се отворија баровите, рестораните и музеите, како што Данска направи голем чекор во укинувањето на рестрикциите. Но, за да можат да уживаат во новата слобода, Данците мора да исполнат еден услов и да покажат коронапас, односно ковид пасош.

Станува збор за дигитална апликација на смартфон која дава доказ за негативен тест во изминатите 72 часа, вакцинирање или за прележана зараза во претходните две до 12 недели. Потврдата исто така може да биде хартиена. Апликацијата „Мое здравје“ е поврзана со данскиот идентификациски систем.

Европската Унија планира да воведе вакви дигитални сертификати до крајот на јуни со цел да се овозможат слободни патувања ова лето, но Данска ја реализираше идејата уште сега.

Зоолошката градина во Копенхаген е полна со деца и семејства како да не е пандемија

За разлика од остатокот на Европа, Данска успешно го избегна третиот бран на пандемијата и уште во декември почна да ги олеснува рестрикциите. Данска ја има една од најниските стапки на зараза и смртни случаи од ковид-19 во Европа и властите веруваат дека ширењето е под контрола.

Отворањето на земјата во голем дел се потпира на ковид пасошите. Тие веќе се користат во зоолошките градини, тематските паркови, фризерниците и салоните за тетовирање, а ќе се бараат и за влез во кино, театар и теретана. Оние кои нема да се придржуваат до ова, ризикуваат да бидат казнети.

Данците се охрабруваат бесплатно да се тестираат еднаш-двапати неделно. Данска ја има највисоката стапка на тестирање по глава на жител на светот и речиси една петина од популацијата ја има примено првата доза од вакцината.

„Во Данска сме 5,8 милиони луѓе. Можеме да тестираме над пола милион секој ден“, вели Кирстине Вестергорд-Нилсен, заменик шеф на Итната медицинска служба на Копенхаген.