Внукот на музичарот Ферус Мустафов, Ферчо, сними спот за орото кое го напишал со неговиот татко Илми и со дедо му Ферус.
Младиот музичар вели дека му е жал што спотот го снимал сам, иако претходно било планирано во него да учествуваат и татко му и дедо му. На 16 август почина Илми Мустафов, три месеци по смртта на неговиот татко, легендарниот музичар Ферус Мустафов.
Ферус Мустафов почина на 22 мај на 72 години по кусо боледување. Неговиот внук вели дека дедо му бил активен два дена пред да почине.
„Работеше по дома како и секој ден пред да добие мозочен удар. Претходно беше во Србија за да си ги подготви инструментите, требаше да започне со сезоната на настапи на свадби. Неговото заминување ни дојде наеднаш“, ни изјави Ферчо Мустафов.
Младиот музичар вели дека од татко му и дедо му научил дека најважните нешта се семејството и скромноста.
„Имав можеби четири години кога дедо ми ми го купи првиот саксофон од Швајцарија. Бев мал и уште не знаев да свирам, но тогаш првпат извадив тон. Ми раскажуваат дома дека кога татко ми и дедо ми свиреле на тој инструмент, многу сум се радувал и сум велел: ‘Видете како свири мојот саксофон‘“, рече младиот Мустафов.
Минатата недела, тој го завршил снимањето на спотот за орото кое го работеле заедно со дедо му и со татко му.
„Имав голема желба спотот да го снимам заедно со нив, но го снимав сам и многу жалам поради тоа. Ќе биде готов за дваесетина дена, па публиката ќе има прилика да го види и да го слушне она што го создадовме со дедо ми Ферус и со татко ми Илми“, вели Ферчо Мустафов, кој живее и работи во Белград.
М. ЏАРОВСКА