ДЕЛОТО НА ЕЛПИДА ХАЏИ-ВАСИЛЕВА ОД ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ВО 2013 ПРВПАТ СЕ ИЗЛОЖУВА ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметницата Елпида Хаџи-Василева првпат го изложува во Македонија своето дело „Silentio Pathologia“, со кое се претстави на 55. Венециско биенале, одржано во 2013 година.

Тоа ќе биде дел од изложбата „Допирот“, што Националната галерија Мала станица во Скопје ја организира заедно со Британскиот совет и „Лукс“, под кураторската палка на Ана Франговска. Покрај претставници на британската визуелна сцена, изложбата, што се отвора вечерва во 20 часот, ги вклучува и македонските автори Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.

Проектот „Silentio Pathologia“ се осврнува на ширењето и влијанието на средновековните чуми но Европа и ја разгледува современата загриженост за миграциските болести, каква што е ковид-19. Ова амбициозно дело вклучува ткаена свила, кожурци од свилена буба, кожи од стаорци и завеси од челичен лим, но при неговото создавање не било повредено ниедно живо суштество.