ДЕНЕС ПОЧНУВА ЛИТЕРАТУРНИОТ ФЕСТИВАЛ „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19.30 часот, во НГМ-Даут пашин амам ќе се отвори 6. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, на кој ќе бидат претставени петмина актуелни писатели од пет земји од Балканот.

Поради здравствени причини, добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара, нема да дојде во Скопје.

За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и на Јуриј Худолин од Словенија ќе говорат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска.

Гости на отворањето ќе бидат и тројцата членови на „Скопје фелоушип“ програмата – Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.

Организаторите за утре во 11 часот во ЕУ Инфо-центарот ја најавуваат тркалезната маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21. век“ со гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Фестивалот, како и секоја година, за утре во 18.30 часот организира средба на гостите автори со читателите во книжарницата „Икона“ во Сити мол.

Фестивалот ќе заврши на 29 мај во Даут-пашин амам во 19.30 часот, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.

„ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со 200.000 денари, ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Словенија и на Хрватска, како и од Словенечката агенција за книга.