Кинеската компанија за електрични возила „Нио“ ја лансираше деби-колекцијата на облека, во соработка со модниот дизајнер Хусеин Чалајан, познат по неговите експериментални креации.

Колекцијата во лимитиран број, наречена „Нио екстрим“, содржи 18 парчиња, како маици, фустани, поло-маички и дуксери. Секој од моделите е инспириран од автомобилот „Нио ЕП9“, најбрзиот електричен автомобил на светот.

Од компанијата велат дека се одлучиле да соработуваат со Чалајан, кој живее во Лондон, поради неговата работа со технологијата. Неговите иновативни дизајни ги спојуваат модата, технологијата, науката, архитектурата и филмот. Неговите модели ги носат Леди Гага, Ким Кардашијан, Викторија Бекам и Ријана.