В сабота (13 јануари) од 11 часот, во Филхармонијата ќе се одржи детскиот интерактивен концерт „Фамилијата металковци“. Концертот е едукативен настан на музичарите од групата лимени дувачки инструменти од оркестарот на Филхармонијата.
„Преку овој интерактивен проект музичарите ја запознаваат помладата публика со специфичноста на секој од инструментите кои припаѓаат на оваа оркестарска група“, велат од Филхармонијата.
На концертот ќе се свират фрагменти од Концертот за труба од Јозеф Хајдн, „Слики од изложбата“ од Модест Мусоргски, популарна музика од цртаните филмови „Пинк Пантер“, „Кралот лав” и „Приказна за играчките”, како и македонските народни песни „Јовано, Јованке” и „Македонско девојче” и македонската химна.
Со помош на тромбонот, децата ќе учествуваат во квиз на кој ќе ги погодуваат најпознатите филмски теми.