Џејн Фонда добро знае како е тоа да се мачиш со самодоверба и несигурност.
Двократната оскаровка вели дека успеала да го надмине тоа со поддршка од пријатели, преку терапии и со пишување мемоари, а потоа решила да им помогне на други.
Нејзиниот главен фокус е спречувањето на бременоста кај малолетнички и за таа цел, од 1995 година раководи со една фондација во Џорџија. Нејзината кампања почнала кога оваа сојузна држава имала една од највисоките стапки на малолетничка бременост, по што оваа бројка паднала за дури 66% кај тинејџерките од 15 до 19 години.
„Тинејџерската бременост произлегува од сиромаштијата и безнадежноста. Ние мора да им дадеме надеж на децата, за да не се препуштаат на ризични однесувања“, вели легендарната актерка.
За да ја поддржи својата мисија, фондацијата на Фонда ќе организира хуманитарна акција в сабота, која ќе има за цел да собере сума од еден милион долари. Тоа ќе биде нејзиниот начин да го прослави својот 80. роденден и затоа настанот ќе се вика „Осум децении на Џејн“.
Меѓу другите, како гости се најавени нејзиниот бивш сопруг Тед Тарнер и актерките Сели Филд, Дајан Лејн и Роузи О‘Донел.
„Тинејџерска бременост нема врска со расата, но има со општествениот статус. Децата од средна класа не забременуваат така често, затоа што се свесни дека тоа ќе влијае врз нивната иднина. Таа е резултат на сиромаштијата, не на расата“, смета Фонда.