Фондацијата за правда „Клуни“ ги одржа третите годишни награди Алби во Јавната библиотека во Њујорк, собирајќи бројни ѕвезди од светот на шоу бизнисот и спортот и филантропи.
Домаќини на гала настанот се сопружниците Џорџ и Амал Клуни (фото), заедно со „Мајкрософт“ и „Версаче“, па овој моден бренд облече најголем дел од гостите.
Меѓу речиси 400 гости беа Донатела Версаче, Стинг, Кејт Бланшет, Емили Блант, Алек Болдвин, Двејн Вејд, Марк Ронсон, Џими Фалон, Џо Стјуарт…
„Џорџ и Амал работат на екстремно проблематични места во светот, каде што во тек се конфликти. Затоа многу им се воодушевувам“, изјави сопругата на Стинг, Труди Стајлер.
Со наградите Алби им се оддава почит на активисти, новинари и борци за човекови права, а меѓу годинашните добитници беше и 94-годишната Долорес Хуерта.
„Таа има 94 години и има повеќе енергија од сите нас. Откако ќе замине оттука, ќе се качи на авион и ќе отиде да протестира во Мексико за нешто. Таа е вистински борец за слобода“, изјави Џорџ Клуни.