ЏОРЏ Р. Р. МАРТИН НАЈАВИ ДЕКА НОВАТА КНИГА ОД САГАТА „ИГРА НА ТРОНОВИ“ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА СЛЕДНАТА ГОДИНА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Додека државите низ светот попуштаат со коронамерките, Џорџ Р. Р. Мартин вели дека моментално е изолиран во колиба во планина и се надева дека следната година ќе ја заврши својата долгоочекувана книга „Ветровите на зимата“.

Седумдесет и едногодишниот автор вели дека поминува многу часови секој ден работејќи на романот, кој ќе биде шести, претпоследен од серијалот „Песна за мраз и оган“, врз кој се базираше мегапопуларната серија „Игра на тронови“, чие емитување заврши лани.

„Присилната изолација ми помогна да пишувам и имам добар напредок со приказната. Вчера завршив ново поглавје, друго три дена претходно и едно минатата недела. Но, тоа не значи дека книгата ќе биде завршена утре или дека ќе биде издадена следната недела. Тоа ќе биде огромна книга, сѐ уште имам доста за пишување“, изјави Мартин.

Минатата година, тој изрази надеж дека ќе ја доврши книгата ова лето, но и призна дека би сакал да може да пишува побрзо.