ДОМОРОДНА ЕКВАДОРКА КОЈА ЈА ОДБРАНИ АМАЗОНИЈА ОД НАФТЕНИ КОМПАНИИ МЕЃУ ДОБИТНИЦИТЕ НА СВЕТСКАТА ЕКОЛОШКА НАГРАДА ГОЛДМАН

Сан Франциско, (Би-Би-Си)

Домородна лидерка од еквадорскиот дел на Амазонија е меѓу годинашните добитници на престижната награда Голдман, со која веќе 30 години им се оддава почит на неуморните борци за заштита на животната средина.

Немонте Ненкимо ја доби наградата откако успеа да заштити повеќе од 200.000 хектари дождовни шуми од плановите за вадење нафта. Таа и останатите членови на домородната група Ваорани ја тужеа еквадорската влада за плановите да ја стави нивната територија на продажба и оваа судска победа од 2019 претставува правен преседан за правата на домородците.

Ненкимо и останатите членови на Ваорани ја прославуваат судската победа над еквадорската влада (Фото: Гети)

„Ваорани луѓето отсекогаш биле заштитници. Тие ги бранат своите територија и култура илјадници години“, изјави Ненкимо.

Кога во 2018 еквадорската влада објави дека ќе стави на аукција 16 нови концесии за вадење нафта, Ненкимо ја покрена дигиталната кампања „Нашата дождовна шума не е за продавање“, која собра 400.000 потписи од цел свет. Таа исто така покрена судска тужба против владата, тврдејќи дека не добила согласност од Ваорани за продажба на земјиштето. Во април 2019, судиите пресудија во полза на Ваорани и со историската одлука не само што беа заштитени 200.000 хектари дождовни шуми, туку и владата во иднина ќе мора да добие одобрение пред да стави земјиште на аукција.

Групата Ваорани брои околу 5.000 членови и американските мисионери првпат стапиле во контакт со неа во 1958 година.

Други добитници на наградата доаѓаат од Гана, Франција, Бахами, Мексико и Мјанмар. Еден од ланските добитници беше македонската активистка Ана Чоловиќ-Лешоска.