Меѓународниот аеродром Дубаи, кој е најпрометен на светот за меѓународни патувања, ќе ги пресели своите операции на вториот аеродром во градот во следните десет години, во проект вреден речиси 35 милијарди долари.
„Градиме нов проект за идните генерации. Дубаи ќе биде аеродром на светот, негово пристаниште и негов глобален центар“, изјави водачот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум.
Во исто време беше објавен компјутерски приказ на заоблен, бел терминал кој потсетува на традиционалните бедуински шатори на Арапскиот Полуостров. Аеродромот ќе вклучува пет паралелни писти и 400 влезови за авиони, се вели во соопштението. Аеродромот „Ал Мактум“ сега има само две писти, како и Меѓународниот аеродром Дубаи.
Минатата година, низ овој аеродром поминале 86,9 милиони патници. „Ал Мактум“ е оддалечен 45 километри од него, а беше отворен со еден терминал во 2010.
(Фото: АП)