Младиот велешанец Слободан Димовски и неговиот пријател од Нови Сад Александар Граховац викендов се искачија на врвот Стефани (2.908 м.н.в.) на планината Олимп во Грција. Двајцата се членови на алпинистичкиот клуб „Велесин“ од Велес.
Тие се качувале преку 400 метри висока вертикала, од кои 200 метри биле карпа, а 200 метри кулоар.
„Врвот го искачивме преку класичната алпинистичка насока Комичи-Ешер. Условите не беа идеални, со прашест снег во кој бајлите речиси не држеа и со карпа покриена со тенок мраз. Постоечкото осигурување беше речиси невидливо под снегот, а опциите за поставување ново беа многу ограничени“, вели Слободан Димовски-Бобо.

Според тетратката на врвот во која се води евиденција за искачувањата и според кажувањето на домарите од единствениот дом што работи во зима, ова е првото искачување на врвот Стефани преку Комичи-Ешер во 2025.
За да стигнат до него минале вистинска одисеја. Од 1.100 до 2.700 метри биле натоварени со целосна опрема, храна и вреќи за спиење тешки десетина киглорами и се качувале осум часа, од 16 до два часот по почноќ. Следниот ден се симнале на 2.500 метри за да се искачат по вертикалата, патешествие што, како што вели, еднаш се доживува.
„Среќни сме што успеавме да реализираме вакво качување. Многу адреналин, напор и на крај, задоволство“, рече Димовски.
П. ПЕЧКОВ
Фото: приватна архива