НОВА ЕЛЕКТРАНА ВО КОПЕНХАГЕН ЌЕ ПРАВИ СТРУЈА ОД ЃУБРЕ И ЌЕ ИМА СКИЈАЧКА ПАТЕКА НА ПОКРИВОТ

Копенхаген, (Инхабитат)

Кога пред шест години студиото „Бјарке Ингелс“ го претстави лудиот проект за електрана со скијачка патека на покривот, која ќе рециклира ѓубре и ќе го снабдува Копенхаген со електрична енергија и со топла вода, многумина помислија дека ова никогаш нема да се оствари.

Сега е 2017-та, а Копенхил, кој чини околу 630 милиони долари, е речиси завршен и веќе ставен во функција. До крајот на годината, уште треба да добие 30 дрвја, вештачка карпа за качување, што ќе биде највисока на светот (86 метри висока и десет метри широка) и скијачка патека долга 600 метри.

Проектот чини 630 милиони долари и официјално ќе биде завршен на лето (Фото: Инхабитат)

Електраната „Амагер Бакен“ и официјално ќе биде отворена наредната година и ќе преработува 400.000 тони отпад годишно, за да снабдува 160.000 домови со топла вода и 62.500 домови со електрична енергија. Таа ќе произведува 25% енергија повеќе, а ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 100.000 тони годишно.

Иако како гориво ќе користи отпад, емисијата ќе биде чиста, бидејќи електраната ќе има напредна технологија за филтрирање. Дури и отпадната прашина ќе се рециклира во материјал за патишта.

За целосен ефект, електраната е дизајнирана така да испушта големи прстени од чад.