Секој дел од концертот „Најголемите Ем-Ти-Ви хитови“ во Националната опера и балет сношти беше убав. Од изборот на песните од 1980-тите и 1990-тите, преку моќните женски вокали, до аранжманите кои ги направи Битолскиот камерен оркестар, со кој диригираше Владимир Димовски.
Битолскиот камерен оркестар станува познат по оригиналните идеи – да организира концерти со домашни и светски хитови, фестивали наречени поп и рок симфонија, концертот во чест на Јонче Христовски, кој се одржа во април годинава. По Битола во септември, Ем-Ти-Ви хитовите во оркестарски аранжмани стасаа и во Скопје.
Настапија домашните пејачки Ана Петановска, Наде Талевска, Ирена Димовска-Памперс, Александра Трајческа, Кики Плиш, Јасна Димитровска и Агни Авшар. Секоја остави свој печат на сцената, сценски и вокален. Се чинеше дека секој во публиката, која заигра на крајот, има свој личен хит од младоста или детството од Мадона, Тина Тарнер, Рики Мартин, Сем Браун, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Тони Брекстон. Одличен потег на битолските музичари беше што ја поканија грчката соул пејачка со потекло од Нигерија, Лав Итоја. Со нејзините врвно пеење и настап таа го донесе светот во Скопје.
Ниту една од домашните пејачки на концертот не е активна на естрадата со синглови и интензивни клупски настапи. Затоа сите се родени за голема сцена и за настап со оркестар и покажаа дека некогашните хитови од топ-листите се барани и денес. Концертот го збогатија балетските играчи при НОБ и поп-рок хорот „Битвокс“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ