ЕМИСИИТЕ НА СТАКЛЕНИЧКИТЕ ГАСОВИ ДОСТИГНАА НОВИ РЕКОРДИ ВО 2018

Њујорк, (Гардијан)

Атмосферските концентрации на јаглероден диоксид и на други стакленички гасови достигнаа нови рекорди во 2018 година.

Светската метеоролошка организација (СМО), која е дел од Обединети нации, соопшти дека порастот на емисиите на јаглероден диоксид бил над просечниот раст забележан во изминатата деценија. Во исто време пораснале и емисиите на други загревачки гасови, како метан и азотен оксид.

Од 1990 година, загревачкиот ефект на стакленичките гасови врз климата се зголемил за 43%.

Научниците велат дека штетните емисии треба да се намалат за половина до 2030 година за да имаме добра шанса да го ограничиме глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени. Ако ова биде надминато, стотици милиони луѓе ќе бидат погодени од повеќе жештини, поплави, суши и сиромаштија.

„Нема знаци на забавување, а камоли на пад, и покрај сите обврски на државите што произлегуваат од Парискиот договор за климата. Мора да се нагласи дека Земјата последен пат се соочила со слична концентрација на јаглероден диоксид пред 3-5 милиони години, кога температурите биле повисоки за 2-3 степени, а нивото на морето за 10-20 метри од денес“, изјави генералниот секретар на СМО, Петери Талас.