Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство денеска донесе одлука за прогласување епидемија на мали сипаници на територијата на целата земја, откако минатата недела беа регистрирани над 120 заболени, од кои над 60 отсто се надвор од Скопје. Од почетокот на епидемијата, која прво беше прогласена во Скопје на почетокот на годината, до минатата недела регистрирани се 961 заболен, а починаа три лица.

Епидемиологот Владимир Микиќ, член на Комисијата за заразни болести, рече дека прогласувањето на епидемијата е неопходно за да се спроведат дополнителни мерки за заштита на населението и за намалување на бројот на новозаболени.

Комисијата ги донесе следниве мерки за спречување на натамошно ширење на болеста:

  • Строго почитување на забраната за посета на градинки на деца невакцинирани со МРП.
  • Забрана за посети во стационарни здравствени установи.
  • Почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници, со цел да се намали оптоварувањето на Клиниката за инфективни болести и на Клиниката за детски болести и да се намали стапката на интрахоспитално ширење на инфекцијата.
  • Сите невакцинирани здравствени работници задолжително да бидат вакцинирани со две дози на МРП.
    На сите воспитувачки и наставнички од предучилишните установи задолжително да им се провери вакциналниот статус и да се вакцинираат доколку не се вакцинирани.
  • Да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14 години.
  • Двапати неделно да се организира работа во две смени на службите за вакцинација во рамките на здравствените домови во целата држава, за да бидат достапни за вакцинација на децата.
  • Службите за вакцинација на неделно ниво да доставуваат податоци до ДСЗИ за деца кои не се јавиле на доставените покани за вакцинација.