Македонија се придружува кон светското одбележување на 40-годишнината од излегувањето на култната комедија на „Монти Пајтон“, „Житието на Брајан“, која од утре повторно ќе се прикажува во кината. Таа во своето ремастерирано издание од утре ќе биде и на репертоарот на киното Синеплекс.

„По 40 години, филмот ‘Житието на Брајан‘ се враќа на големото филмско платно. Овој јубилеј го прославуваме со повторно прикажување на филмот, во ремастерирана верзија“, најавуваат од „Синеплекс“.

Иако денес важи за една од најдобрите комедии на сите времиња, екипата на филмот едвај нашла пари да го сними овој сатиричен приказ на животот на Исус Христос, за потоа тој да биде забранет во неколку држави.

„Бевме на турнеја во Амстердам кога Ерик Ајдл излезе со идеја за ваков филм. Ни се допадна предизвикот да направиме филм за религија. Пишувавме во одделни групи и на две недели завршивме на Барбадос. ‘ЕМИ‘ требаше да го финансира филмот, но се откажа, по што Ерик Ајдл отиде во Холивуд и му ја изложи идејата на нашиот голем фан Џорџ Харисон. Тој ни одобри заем од пет милиони долари зашто многу сакал да го види овој филм“, се присети Мајкл Пејлин од „Монти Пајтон“.

Тој беше забранет во Ирска, Норвешка и Италија, а 39 британски совети или го забранија или му ставија ознака икс.

„Во Њујорк имаше доста енергични протести против филмот. Успеавме да ги изнервираме и католиците и протестантите и Евреите, особено со сцената на распнување. Јас бев многу горд што постигнавме такви реакции. Го снимивме пред 40 години, а филмот е толку соодветен и за денешниот свет“, рече Тери Гилијам.