ЕУ ЌЕ ЗАБРАНИ НИЗА ПЛАСТИЧНИ ПРЕДМЕТИ ЗА ЕДНА УПОТРЕБА И ПОСТАВИ СТАНДАРДИ ЗА ЦЕЛ СВЕТ

Брисел, (Дојче веле)

Европската Унија постави стандарди во справувањето со загадувањето на морињата и океаните и до 2021 година ќе забрани голем дел пластични предмети за еднократна употреба. Ваква историска одлука вчера донесе Европскиот парламент, со надеж дека таа ќе биде следена од цел свет.

Одлуката опфаќа широка палета пластични производи кои имаат поодржливи алтернативи, како цевки за пиење, прибор за јадење, амбалажа за храна за носење, капаци за топли пијалоци и памучни стапчиња. Други производи, како влажни марамчиња и филтри за цигари, нема да бидат забранети, но ќе добијат нов дизајн, специјална ознака дали содржат пластика и предупредување до корисниците дека ѝ штетат на природата ако не ги фрлаат во ѓубре.

До 2029 година, земјите од ЕУ мора да постигнат рециклирање на пластични шишиња од 90%.

Европската Унија предвидува дека промените ќе ја чинат економијата од 259 до 695 милиони евра годишно. Од друга страна, новото законодавство ќе спречи штета по околината од 25 милијарди евра во наредните десет години.

Европскиот парламент заклучи дека загадувањето со пластичен отпад сега е поголемо за 20% во споредба со 1960-ите. Европејците годишно прават 25 милиони тони пластичен отпад, а само 30% од него се рециклира. Повеќе од 80% од отпадот во морињата е пластичен.