ФИФА НЕМА ДА ЈА ПРИТИСКА САУДИСКА АРАБИЈА ДА ДОЗВОЛИ ПИЕЊЕ АЛКОХОЛ ЗА ВРЕМЕ НА СП 2034

Лондон, (Гардијан)

Фудбалските фанови нема да смеат да пијат алкохол на стадионите во Саудиска Арабија за време на Светското фудбалско првенство во 2034 година. ФИФА веднаш го нагласи ова откако Саудиска Арабија ја доби организацијата, со цел да не се повтори проблемот од Мундијалот во Катар пред две години.

ФИФА тогаш дозволи да се точи пиво на стадионите под притисок на спонзорот „Бадвајзер“, но одлуката беше поништена од владејачкото семејство Ал-Тани на два дена до почетокот на првенството. Десетици илјади буриња „бадвајзер“ потоа беа отстранети од стадионите во Катар, поради што ФИФА мораше да плати отштета од 40 милиони долари. Пивото беше достапно само во фан зоните на ФИФА, каде што една кригла чинеше 12 фунти.

Иако многу работи можат да се променат до 2034, извори од ФИФА кажаа дека не планираат да ја притискаат саудиската влада да ги олесни своите закони.

За разлика од другите муслимански држави, во Саудиска Арабија алкохолот не смее да се продава ни во најлуксузните хотели. Алкохолот во оваа земја беше забранет во 1952, но од јануари оваа година може да се купи во една продавница во Ријад, каде што е достапен само за немуслиманските дипломати.

(Фото: АФП)