„ФОРД“ ВЛОЖУВА 11 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

Детроит, (Би-Би-Си)

Компанијата „Форд“ објави дека ќе вложи 11 милијарди долари во развојот на електрични автомобили во наредните пет години, што е двојно повеќе од претходните најави.

Претседателот Бил Форд кажа дека е во план производство на 40 хибридни и целосно електрични возила.

Ова уследи откако државите низ целиот свет ги притиснаа автопроизводителите да поработат на намалувањето на емисијата на штетни гасови, па „Џенерал моторс“, „Фолксваген“ и „Тојота“ веќе објавија амбициозни планови да вклучат повеќе електрични возила во својата понуда.

„Целта е да се електрифицираат сите сегашни модели на ‘Форд‘. До 2022 година, компанијата ќе понуди 16 целосно електрични и 24 хибридни модели. Целосно сме посветени на ова и се однесува дури и на нашите најпознати модели. Ако сакаме да бидеме успешни во ова, ќе мора да ставиме електричен погон и во возила кои се веќе популарни“, кажа Форд за време на Автосаемот во Детроит.

Минатата година, „Џенерал моторс“ објави дека ќе создаде 20 нови електрични автомобили до 2023 година, а „Фолксваген“ планира да инвестира 40 милијарди долари во овој сектор.