МАГИЧНА НОЌ НА „КАМП НОУ“ ОТКАКО ФУДБАЛЕРКИТЕ НА БАРСЕЛОНА И РЕАЛ ИГРАА ПРЕД РЕКОРДНИ 91.553 ГЛЕДАЧИ

Барселона, (Би-Би-Си)

Капитенката на Барселона, Алексија Путељас, го опиша моментот како магичен откако нејзиниот тим го совлада Реал Мадрид со 5:2 во полуфиналето на Лигата на шампионите пред 91.553 фанови на стадионот „Камп ноу“, што претставува нов светски рекорд за женскиот фудбал.

Досегашниот рекорд за клупскиот фудбал беше 60.739 гледачи, но истовремено беше соборен светскиот рекорд од 90.195 гледачи, поставен на Мундијалот во САД во 1999 година.

„Останав без зборови. Ова беше едноставно магично. Откако мечот заврши, фановите не сакаа да си одат дома. Имаше голема поврзаност помеѓу нив и нас додека славевме. Беше неверојатно да се биде дел од историја“, изјави Путељас, која пораснала гледајќи го машкиот тим на „Камп ноу“.

Речиси сите 99.354 карти биле купени по голема кампања на клубот, но бидејќи некои билети потоа беа поделени бесплатно, беше нејасно колку фанови навистина ќе се појават на стадионот. Тој беше полупразен кога мечот почна, за потоа да се исполни речиси докрај.