ГЕНА ТЕОДОСИЕВСКА ЌЕ ПРЕТСЕДАВА СО ЖИРИТО НА КРИТИКАТА-ФИПРЕСЦИ НА БЕРЛИНАЛЕ

Скопје, (СМАРТСДК.МК)

Македонската новинарка и филмска критичарка Гена Теодосиевска ќе биде претседателка на жирито на критичарите на ФИПРЕСЦИ на 73.Берлински филмски фестивал, што ќе се одржува од 16-26 февруари.

Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ за две години ќе ја прослави 100-годишнината од основањето, а Македонската секција е една од најстарите професионални организации во земјава. Македонските филмски критичари членови на ФИПРЕСЦИ редовно уествуваат во жиријата на филмските фестивали во светот, меѓу кои и на најголемите како Венеција, Кан, Берлин, Ротердам.

Теодосиевска учествувала во жиријата на над 25 меѓународни филмски фестивали, a Берлиналето е втор од А катергорија по ИДФА во Амстердам, на кој таа е дел од жирито.

Теодосиевска е вработена во МТВ и е позната како ТВ новинар, критичар, фестивалски селектор и познавач на филмските и визуелните уметности. Беше селекторка, уметничка директорка и директорка на фестивалот „Браќа Манаки“ од 2008 до 2020, а од 2022 е уметнички директор на фестивалот Киненова. Како соработник и продуцент учествува во 23 кратки видеодела во продукција на МТВ, а беше извршен продуцент на филмот „Судијата“, прикажан премиернона Венецискиот филмски фестивал во 2001 и на над 30-тина други низ светот. Во последниве 30 години таа е туторинг експерт за документарен и краток филм на неколку европски филмски работилници, координатор на меѓународни копродукциски ТВ проекти и промотор на македонската визуелна уметност.