„ГЛЕМБАЕВИ“ НА БРЕЗОВЕЦ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ПРИЛЕПСКИ ТЕАТАР

Прилеп, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, во адаптација и режија на Бранко Брезовец од Хрватска, вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Оваа претстава е сложена. Тоа е најзначаен текст на Крлежа и во Хрватска е канонски текст. Секогаш се поставува прашањето кои актери ќе ги играат улогите. Пред 12 години во Риека, претставата ја поставивме со Северина во улогата на бароницата Кастели, повеќе како мјузикл, на граница со класична претстава. Но, секогаш се потребни актери со посебна актерска концентрација. Музиката е приспособена на македонскиот мелос. Дејството е подигнато на ниво на една античка трагедија. Екипата од Прилепски театар е посебна и на високо ниво. За месец и половина направивме она што не верувам дека во Хрватска ќе го постигневме“, изјави режисерот, кој последен пат во Прилеп работеше пред девет години.

Играат Андон Иваноски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Трајче Иваноски, Ангела Наумоска, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Игор Трпчески и Ана Митоска-Стојаноска. Музиката е на композиторот Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез, а костимите на Сузана Брезовец.