ГОЛЕМА БЕЛА АЈКУЛА ВИДЕНА ВО ШПАНИЈА ЗА ПРВПАТ ПО 42 ГОДИНИ

Мадрид, (Би-Би-Си)

Првпат по повеќе од 40 години, голема бела ајкула беше видена во водите покрај брегот на Шпанија, во близина на Мајорка.

Историската снимка од пет метри долгата ајкула како плива околу архипелагот Кабрера ја објавија научниците од истражувачката група „Алнитак“.

„За присуството на големи бели ајкули во шпанските води се шпекулира веќе неколку години. Сепак, тоа досега не успевавме да го документираме. Ова беше навистина голем примерок“, изјави биологот Фернандо Лопес-Миронес.

Научниците ја следеле ајкулата повеќе од еден час, на оддалеченост три метра од бродот.

Голема бела ајкула за последен пат беше видена во овој регион во 1976 година.

Познати по тоа што напаѓаат и луѓе, големите бели ајкули можат да пораснат до шест метри и два тона, а достигнуваат брзина до 64 километри на час.